Австралија: Победничко Party Mode за Ветел
Последователна победа за Себастијан Ветел и Ферари на првата и мошне возбудлива трка од 2018 година за Големата Награда на Австралија во Мелбурн на патеката Алберт Парк. Второ место возачот кој стартуваше од пол позиција, Луис Хамилтон и трето место за Кими Раиконен.
Возачот на Ферари беше на третото место во првиот стинт од трката, но поради стратегијата остана подолго на патеката во однос на тимскиот колега Кими Раиконен и Луис Хамилтон, но имаше голем бенефит од виртуелното безбедносно возило кое се појави пред неговото влегување во бокс.
Ветел успеа да се одбрани од нападите на Хамилтон, помогнато со прешироко возење на британецот кој беше во потера и победи со предност од 5.9 секунди.
Хамилтон пак ја имаше предноста по стартот и се одбрани од нападот на Раиконен во свиокот 3, а по кратко време изгради предност од 3 секунди, а Ветел се обидуваше да одржи блиску од болидот на Раиконен.
На стартот, Кевин Магнусен со својот Хаас имаше одличен старт и успеа да го претекне Макс Верстапен по првиот свиок. Верстапен изгледаше мошне неискусно и преагресивно возејќи позади Магнусен обидувајќи се да го помине, што доведе до негово извртување во првиот свиок по што падна на 8та позиција.
Пред влегувањето во бокс, Карлос Саинз беше тој кој отиде прешироко во свиокот 9 и му дозволи на Фернандо Алонсо да го претекне, но самата трка целосно ја промени насоката по двете влегувања во бокс на возачите на Хаас, Кевин Магнусен и Роман Гросжан.
Магнусен мораше да го паркира својот болид по свиокот 3 откако се забележа дека задниот лев пневматик не е добро прикачен, а неговиот тимски колега, Роман Гросжан, ја доживеа истата судбина со предниот лев пневматик и мораше да го паркира болидот покрај патеката по свиокот 1.
Поради оваа ситуација на патеката излезе безбедносното возило, што беше благослов за Ферари кои ја искористија предноста од 2-1 кон Мерцедес, внесувајќи го Раиконен во бокс порано, што го натера и Хамилтон да влезе. Ветел остана уште неколку кругови, а кога се појави виртуелното безбедносно возило, тој влезе во бокс, додека останатите мора да се движат по патеката со ограничена брзина, што пак му овозможи на Себастијан да излезе пред Хамилтон. Закаснувањето од 9 секунди, Ветел успеа да го претвори во водство.
Набргу на патеката се појави и вистинското безбедносно возило се до 32 круг, што му овозможи на Хамилтон 26 кругови да се обиде да го претекне Ветел. Луис беше во рамките на 1 секунда позади германецот подолг период, а потоа почна и агресивно да напаѓа, но тоа беше преагресивно дури и за шампионот, кој ги блокираше сопирачките во свиокот 9 и излезе прешироко во пределот со трева.
Поради тоа, предноста на Ветел се зголеми на 3 секунди, а по неколку кругови и самиот Хамилтон се одлучи да го прекине својот напад и да се задоволи со второто место.
При самата завршница, Кими имаше полни раце работа додека се бранеше од Даниел Рикардо за да ја задржи третата позиција, додека позади нив, Фернандо Алонсо мајсторски се одбрани од неверојатниот притисок на Макс Верстапен.
Нико Хулкенберг имаше неатрактивна трка за Рено и се пласираше на 7 место, додека Валтери Ботас имаше очаен повраток од 15 стартна позиција и успеа да стигне само до 8 место. Стофел Вандорн од Мекларен ја заврши трката на 9 место, додека позади него Карлос Саинз го освои последниот поен од првата трка, кој во самата завршница се жалеше на болки во стомакот.
Покрај несреќниот ден за возачите на Хаас, кои имаа одлична трка и ги замолчеа критичарите, три други екипи изгубија по еден болид во текот на целата трка.
Дебитантот во Вилијамс, Сергеј Сироткин, беше првиот кој се откажа по проблем со сопирачките, додека Маркус Ериксон наиде на проблеми со управувачот. Пјер Гасли исто така се откажа од трката поради проблеми со агрегатот на Хонда. во својот Торо Росо.
Ова е конечниот пласман по денешната трка за Голема Награда на Австралија: