Австралија: Ferrari is back
Совршена тактика од тимот, одлична брзина од СФ70-Х и безгрешниот Себастијан Ветел беа доволни да им донесат на Ферари прва победа по Сингапур 2015 година, прв триумф во Австралија по 2007 година (Кими Раиконен) и за прв пат по 2012 година “разиграното коњче“ е на чело од конструкторскиот поредок. Феноменалниот Ветел стигна до својата 43та победа, 4та во црвениот костум од Ферари, а јубилејна 225та за момците од Маранело. Зад Ферари беа двајцата возачи од Мерцедес, Луис Хамилтон стигна до својот 105ти подиум, а Валтери Ботас до својот јубилеен 10ти.
Трката имаше богата содржина уште пред да почне. а во центарот на вниманието Ред Бул. Даниел Рикардо излезе на загревачкиот круг на 20тина минути пред стартот, имаше технички проблеми и го паркираше својот РБ13 на патеката. Неговиот болид експресно беше вратен во гаражата, а Рикардо пуштен на патеката од страна на своите механичари дури во 3от круг. Во текот на загревачкиот круг, преку тимското радио на лош сет на гуми се пожали и Макс Верстапен.
Болидите се наредија за старт, но стартот беше одложен за еден круг поради тоа што некој возач заземал лошо место на грид поради тоа што имаше празнина која се создаде од повлекувањето на Рикардо од стартот. Сепак “од втора“ болидите тргнаа.
Првата петорка остана непроменета иако на првите две кривини Макс Верстапен го нападна Кими Раиконен, но финецот успеа да се одбрани и да го зачува свето 4то место од квалификациите. Третиот свиок донесе контак помеѓу Кевин Магнусен со Хаас и Маркус Ериксон со Заубер. Имено, данецот се прецени и предоцна запираше удирајќи во Ериксон. Двајцата се извртеа крај патеката, но брзо се вратија иако Хаас-от мораше во гаражата на поправки, замена на предното крило и дупнатата гума. Стјуардите го испитуваа инцидентот, но сметаа дека нема ничија вина. Трката продолжи само со жолто знаме во првиот сектор.
Третиот круг трката го доби и 20от возач со враќањето на Даниел Рикардо, а во тие моменти дебитантот Ленс Строл кој стартуваше од 20то место беше највисоко пласиран во кариерата, се возеше како 14ти.
Кругот број 15 беше моментот кога почна катастрофата во Хаас. Роман Гросжан од 7та позиција влезе во бокс и се чинеше дека рутински ќе промени гуми, но чадот од задниот дел на неговиот болид не се намалуваше така што тој излезе од болидот и тоа беше крај на неговиот извонреден тркачки викенд. Со откажувањето на Французинот, Фернандо Алонсо дојде до 10то место и во 15от круг веќе беше во поени.
Трката се решаваше од 17от до 23от круг. Најпрво во кругот број 17 Луис Хамилтон влезе на промена на гуми и монтираше жолта софт компонента во моменти кога имаше секунда предност пред Себастијан Ветел, а преку радиото се жалеше дека гумите му се “отидени“. Британецот се приклучи на патеката зад Макс Верстапен кого ретко кој може да го мине. Иако имаше еден добар круг, Хамилтон се мачеше со возачот на Ред Бул, а Ветел “билдаше“ предност и по 5 кругови, поточно во 23от, влезе по софт гуми и се приклучи на патеката токму пред Верстапен и Хамилтон, на 3то место.
Следеа неколку откажувања. Во 18от круг своето Рено го паркираше Џулион Палмер откако мина 10тина кругови во стилот тргни-застани на патеката. Три кругови подоцна крај патеката застана и Маркус Ериксон кој очигледно дека имал проблеми по сударот во првиот круг со Магнусен.
Во кругот број 26, лидерот на трката Валтери Ботас влезе во бокс по софт компонента, следниот круг тоа од првата позиција го направи и Кими Раиконен, а Макс Верстапен влезе со нив, но монтираше суперсофт. Ферарито на Ветел во овој момент го превзема лидерското место коа љубоморно го чуваше до самиот крај.
Кругот број 29 значеше крај за пеколниот викенд за Даниел Рикардо. Неговиот Ред Бул “испушти душа“ и тој се паркираше крај патеката. Во 44от круг трката ја заврши и Ленс Строл откако имаше долга прошетка со својот ФВ40 болид крај патеката и по се изгледа целосно го уништи подот на болидот. Пет кругови откако се откажа Строл, во гаражата се паркираше и вториот Хаас за да стави крај на очајот во американската екипа.
Остануваа уште пет кругови, но битката за поени не стивнуваше. Фернандо Алонсо подолго време се возеше како 10ти, а во вратот му дишеше Форс Индија-та на Естебан Окон. Французинот залепен зад себе го имаше Нико Хулкенберг од Рено. Во 52 круг на стартно целната рамина влегоа Мекларен, Форс Индија и Рено, Окон со ДРС мина крај Алонсо, Хулк однадвор го мина исто така шпанецот, иако имаше идеја да ги мине двајцата одеднаш. Фернандо се откажа следниот круг поради големи проблеми со суспензијата.
Мерцедес и Ферари на подиум, а другото Ферсари 4то. Верстапен финишираше на 5то место иако “машки“ му се доближуваше на Кими последните 10-тина кругови. Фелипе Маса тивко и рутинирано стигна до 6то место, Серхио Перез беше зад него, а тандемот на Торо Росо дојдоа до двојни поени. Последниот поен му припадна на Естебан Окон.
Трката ја завршија 13 болиди, надвор од поени останаа Нико Хулкенберг, изненадувачки одличниот Антонио Џовинаци и Стофел Вандорн кој беше најнеконкурентен. Седум болиди не го видоа карираното знаме.